Националната политика за слободен софтвер претставува акт кој после јавна дискусија ќе биде предложен за усвојување од Владата на Република Македонија. Оваа политика ќе уредува препораки за користење, набавка и поддршка на слободен софтвер и софтвер со отворен код тргнувајќи од претпоставката дека овој тип на софтвер е јавно добро.
Слободниот софтвер претставува оној тип на софтвер кој на корисниците им ги дава следниве слободи:
- слобода во начинот на употреба на софтверот;
- увид во тоа како софтверот е напишан;
- слобода во тоа самиот софтвер да се менува, прилагоди и подобри;
- слобода тие промени да се „вратат“ назад во заедницата.
Ваквиот софтвер им користи на различни целни групи. За студентите тој нуди увид во тоа како комплексен софтвер се програмира со што знаењето и вештините на огромен број стручњаци се пренесува кон помладите генерации. За бизнисите тој нуди зголемена конкурентност, бидејќи секој може да го редистрибуира и нуди како продукт. За власта тој нуди зголемена транспарентност и безбедност, бидејќи увидот во тоа како тој работи е отворен и достапен. Ова кумулативно се пренесува во заедничка општествена корист.
Јавните власти во Република Македонија веќе имаат искуство со имплементација и користење на слободен софтвер. Проектот „Компјутер за секој ученик“ скоро целосно работи со слободен софтвер и е една од поголемите имплементации во регионот и светот.
Циклусот настани се состои од јавни расправи во:
- Тетово -- простории на центарот за балканска соработка Љоја 14.март.2011 во 13ч
- Штип -- општинската сала 17.март.2011 во 14ч
- Скопје -- Институт за информатика при ПМФ 21.март.2011 во 13ч
- Битола -- Технички факултет 22.март.2011 во 11ч
Јавните настани се пред се наменети за три целни групи: академската заедница, бизнис секторот, граѓанските организации и претставници на локалната власт. Секако, на јавните настани може да дојде било кој заинтересиран граѓанин. На самиот настан, претставници на работната група ќе ја презентираат НПСС после што ќе се отвори дебата на која учесниците ќе можат да ги дадат своите сугестии. Настанот е предвиден да трае 2 часа.