Национална политика за слободен софтвер



овој текст е нацрт

Национална политика за слободен софтвер

1. Вовед

Реформите и развојот на јавната администрација се клучни за осовременувањето и поедноставувањето на условите и услугите кои таа им ги дава на граѓаните и правните лица во секојдневната комуникација. Услугите кои државните и локалните власти ги нудат преку Интернет, но и на други електронски начини, стануваат сѐ позначајни за граѓанинот. Истовремено тие добиваат сѐ поголемо внимание од страна на властите. Во развојот и менувањето на овој дел од јавната администрација се применуваат уреди како што се компјутери, телекомуникациска опрема и друг вид на хардвер, но и софтер што е потребен за нивно функционирање.
Софтверот што се употребува во јавните служби според намената може да се подели на три групи:
  • оперативни системи и алатки потребни за функционирање на компјутерите;
  • канцелариски програми потребни за вообичаените работни задачи;
  • и специфични програми потребни за поединечните служби.
A според тоа кој е крајниот корисник на:
  • софтвер што го употребува јавната администрација (софтвер како производ) и
  • софтвер што го употребуваат граѓаните (софтвер како услуга).

2. Отворен и затворен модел

Софтверот кој се користи за извршување на јавните работи во голема мера го определува и начинот на кој тие се извршувуваат. Начинот на кој софтверот функционира е диктиран од неговите автори и од начинот на кој се регулираат правата за тоа како тој може да се менува. Во таа смисла, постојат два модела за создавање и одржување на софтвер: (1) затворен модел и (2) отворен модел.
Затворениот модел подразбира практики на креирање и одржување на софтвер во кои корисниците на софтверот не можат да учествуваат. Во рамките на затворениот модел, утврдувањето на начинот на кој софтверот функционира е невозможен, односно не постои увид во изворниот код на програмата, код што е разбирлив за човекот. Покрај практичната можност, отсуствува и правна можност корисниците на софтверот да можат да ја менуваат програмата во зависност од нивните потреби. Истовремено, развојниот процес на софтверот, односно идните верзии и можности што тој ќе ги поседува, зависат од компаниите кои го поседуваат софтверот, а не од корисниците кои го користат.
Отворениот модел подразбира транспарентност на практиките и начините на кои софтверот се развива, дистрибуира и користи. Во праксата, овој модел е познат како модел на „слободен софтвер“.
Под слободен софтвер се подразбира софтвер кој на корисникот му гарантира неограничена употреба, увид во изворниот код, слобода тој да се менува и понатаму да се дистрибуира. Тоа во пракса значи дека корисникот има можност да го менуваат начинот на работа на софтверот кој го користи во зависност од потребите. Истовремено, постои можност за увид во начинот на кој софтверот функционалноста. Корисникот има право тие промени да ги споделува, со што би се подобрила функционалноста на софтверот, или диверзифицирала неговата примена.
Во досегашната пракса на набавката на софтерски решенија доминираа набавки на готови пакети кои може дирекно да се инсталираат на компјутерите, без особено внимание за контролата која институциите како корисници ја имаат или немаат врз софтверот кој го користат. Условите под кои што тие се набавуваа се ограничувачки, без можности за менување или прилагодување од страна на корисниците кои ја направиле набавката. Изворниот код во кој се напишани исто така е недостапен.
Со ваквата пракса постојат сериозни опасности јавната администрација што треба да ѝ служи на јавноста да биде доведена во заложништво на понудувачот на софтерот. Во оваа ситуација од понудувачот зависи понатамошниот развој на софтверот, а со тоа и развојот, успешноста и квалитетот на услугите што јавните служби со помош на тој софтвер им ги нудат на граѓаните и правните лица.
За да се избегнат ваквите проблеми, потребно е подобро дефинирање на пристапот кој овие институции ќе го применуваат при изборот на софтвер кој го користат, земајќи ги предвид долгорочните последици кои таквата одлука може да ги произведе.
Исто така потребно е идентификување и промовирање на добрите практики на употреба на софтверски решенија кои се создаваат јавно и транспарентно, кои се базирани на отворени стандарди, кои се достапни за слободно користење и чиј изворен код е достапен на јавноста. Државните институции кои веќе користат слободен софтвер треба да се охрабрат да продолжат и натаму со истата пракса и да служат како пример за останатите.
Оваа политика има за цел да даде рамка која јавната администрација како корисник на софтвер ќе ја има пред себе при одлучувањето за своите ИКТ политики со цел добрата практика да се препознае и да се поттикне кај другите во државниот ИКТ екосистем.

2а. Затворениот модел во јавната администрација - досегашни искуства

Во досегашата практика употреба на неслободни софтверски решенија во јавнатата администрација е повеќе правило отколку исклучок. Тука не се мисли само на инсталирањето на неслободни оперативни системи или друг неслободен софтвер на компјутерите и другата инфраструктура што им служи на јавните служби туку се мисли и на начинот на комуникација со граѓаните и компаниите. И двете прашања се важни поради импликациите што ги имаат: употребата на неслобниот софтвер на уредите на кои што работат јавните служби значи дека тие немаат контрола врз компјутерите чии сопственици се и кои ги користат. Со ова се поврзани прашања за безбедност и сигурност на информациските системи кои се во употреба во јавната администрација, како и идниот развој на тие системи; комуникацијата со граѓаните и компаниите често е поврзана со определени софтверски пакети или платформи и со тоа им го ускратува правото на избор на граѓаните во користењето на технологиите, а истовремено и на правото на достап до информации со употреба на специфични технологии.
Најчест начин на ваква опструкција во комуникацијата е употребата на протоколи или технологии за размена кои се во затворен формат и го принудуваат граѓанинот или компанијата да набават определен софтвер за воопшто да можат да комуницираат.
Без да се навлегува во детали, дел од јавните институции кои имаат ваква практика се: Управата за јавни приходи, Фондот за здравствено осигурување, Народната банка на Р. Македонија, Централниот регистар на Р. Македонија, Службениот весник на Р. Македонија, Централниот депозитар за хартии од вредност.
Овие примери се наведени бидејќи се највидливи во јавноста и не бараат посебно истражување, но тоа не значи дека нема други.

2б. Досегашни искуства со слободниот софтвер во јавната администрација и домашни и документи од ЕУ што го третираат ова прашање

Разгледувањето на потребата за употреба на слободниот софтвер во јавната администрација доаѓа како резулатат на претходно усвоените стратешки документи и применети политики.
Во водечкиот документ од областа на ИКТ во Р. Македонија – Националната стратегија за развој на информатичкото општество во делот посветен на слободниот софтвер е истакнатата потребата да се поддржи употребата на слободниот софтвер и софтверот со отворен код како јавно добро кое е достапно за сите граѓани особено преку правото на избор на платформа во формалното и неформалното ИКТ образование.
Преземените активности од страна на Владата на Р. Македонија во изминатиот период укажуваат на тоа дека овие заложби не се само декларативни. Така покрај поединечната употреба на слободниот софтвер во различни тела и органи на јавната администрација, почнувајќи од 2006 година Министерството за информатичко општество започна инцијатива за поддршка и олеснување на ИКТ во процесите и услугите на јавните власти преку воведување на слободен софтвер. Истата година е започнат проектот „Компјутер за секое дете“, спроведен во сите основни и средни училишта во Република Македонија. Како оперативен систем за работа на набавената компјутерска опрема се користи варијанта на слободен оперативен систем Edubuntu Gnu/Linux. Заедно со оперативниот систем се идентификувани 120 слободни образовни алатки кои се локализирани на јазиците што се во употреба во училиштата.
Покрај овие активности поместувањето кон употреба на слободен софтвер е видливо во интернет инфраструктурата на Владата на Р. Македонија и повеќето министерствата. Овие институции го користат системот за уредување на содржини Drupal кој работи на Debian GNU/Linux.
Други поединечни примери има во Министерството за информатичко општество, Институтот за информатика при Природно-математичкиот факултет и Универзитетот Гоце Делчев каде во употреба е платформата за е-учење Moodle и Министерството за финансии каде се користи OpenOffice.org и Mozilla Firefox.
Повторно овие примери се наведени дека се највидливи, а не дека се единствени. Затоа препораките на овој документ ќе содржат препорака за истражување на вкупната употреба на слободниот софтвер во јавната администрација со цел да се добие комплетна слика.
Сите овие активности се во согласност и со препораките на Европската Унија. Така затворањето на информатичките системи и неслободните програмски решенија што зависат од еден понудувач се наведени како најзначајните препреки во постигнувањето на задачите на програмата на Европската унија i2010 – A European Information society for growth and employment. Овие се наведени и како пречки за успорување на конкуренцијата во ИКТ секторот.
Европската рамка за интероперабилност исто така дава препораки за употребата на слободниот софтвер и на него сродните отворени стандарди. Посебен осврт во овој контекст е даден на содржините на интернет за кои се вели дека треба да се компатибилни со водечките прелистувачи (Internet Explorer, Mozilla, Firefox, Opera) и треба да се независни од платформата (оперативните системи) што се користат.
Во Р. Македонија прашањата поврзани со употребата на отворени стандарди во јавната администрација темелно се обработени во документот „Препораки за стандарди за ИКТ во државната управа“ изработен од страна на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, во соработка со Фондацијата Метаморфозис. Оваа политика и горецитираниот документ треба во пракса треба да се надополнуваат и функционираат заедно. Отворените стандарди е тесно поврзани со слободниот софтвер, и оттука употребата на отворените стандарди е подеднакво важна како и употребата на слободениот софтвер во овозможувањето на пристапност и транспарентност во електронските услуги кои се нудат, како и подобрувањето на конкуренцијта и квалитетот на решенијата на кои се тие базирани.

3. Препораки

Имајќи ги предвид горенаведените појдовни стојалишта и практики, политиката за слободен софтвер треба да понуди препораки за Владата на Р. Македонија и другите надлежни државни институции во врска со следните точки:
  1. Следејќи ги препораките за употреба на отворени формати, електронската комуникација помеѓу државните органи и граѓаните треба да биде возможна и со употреба на слободен софтвер. Граѓаните и компаниите треба да имаат избор во користењето на софтверот и по своја желба да можат да користат слободен софтвер при комуникацијата со државните органи. Ова треба да се однесува на сервисите кои државните органи ги нудат преку интернет, на софтверот кои тие го дистрибуираат за употреба од граѓаните како крајни корисници и на дигиталните документи кои државните органи ги објавуваат и бараат да им бидат доставени од граѓаните и компаниите.
  2. Овозможувањето на изборот на граѓањите во иднина треба во најголема можна мерка да се гарантира преку планирање, градење и набавување на информациски решенија базирани на отворени стандарди и протоколи. Треба да избегнува употреба на информациски системи кои не овозможуваат поврзување и размена на податоци со други информациски решенија и системи. Кога се воспоставени и во употреба постоечки затворени информациски системи, Владата на Р. Македонија и другите државни институции треба да го поддржуваат нивното отварање при дополнувања и надградби.
  3. Покрај случаите поврзани директно со потребите на државните институции, слободниот софтвер треба да се промовира и за други решенија финансирани од буџетот, како што е образованието, истражувачките активности, примателите на државно финансирање и слично.
  4. Набавката на софтвер за потребите на државните институции треба да се спроведува преку непотенцирањето на софтверски брендови и/или производители. При одлучувањето за набавките, државните институции треба да ги имаат во предвид и вкупните трошоци за употреба на софтвер (Total Cost of Ownership) како и трошоците за договори за одржување (Service License Agreements) и доколку сите други услови се еднакви, државните органи треба да му даваат предност на слободниот софтвер. Ова ќе ги отстрани бариерите за влез на компаниите кои продаваат различни видови на софтвер, односно продаваат или нудат услуги поврзани со слободен софтвер. Тоа ја зголемува конкуренцијата што од своја страна ќе придонесе за пониски цени и заштеди во јавните набавки.
  5. При набавката на софтверски решенија за специфична определена употреба (по нарачка), државните набавувачи треба да настојуваат изворниот код и правата над него му припаѓаат на нарачателот – односно државната институција. Во таа смисла договорите за изработка на софтвер како услуга треба да ги пренесуваат материјалните права во целост на нарачателот. Ваквиот начин на набавка овозможува: а) нарачателот да не биде заложник на компанијата-пишувач на софтверот; б) подобрувањата и надградбите можат да се нарачуваат од други ентитети доколку за тоа има потреба; в) подобрена безбедност, бидејќи институциите можат да испитаат дали постојат безбедносни дупки.
  6. Заради транспарентност, софтверот набавен од државните институции, кој како производ од своето функционирање има определен излез кој што е релевантен за јавноста, како што се информации или податоци што ги засегаат граѓаните или компаниите, треба да биде достапен на увид на јавноста и / или граѓаните. Со увидот заинтересираните страни ќе можат да се уверат дека софтверот навистина работи онака како што е наведено во правилата и документацијата и со тоа ќе се потврди независноста и / или непристрасноста во неговата работа.
  7. Употребата на слободниот софтвер во образованието треба да го опфати и ширењето на знаење за програмирање на слободен софтвер. За студентите кои учат за софтверски инженери од непроценливо значење би било учењето за тоа како еден софтверски пакет се развива и одржува откако веќе еднаш ќе биде напишан. Образованието исто така треба да се насочува кон совладување на општи софтверски вештини, наместо конкретни софтверски пакети.
  8. Во огласувањето на работните места софтверските вештини за оперативни системи, канцелариски пакети и интернет се единствени за кои се потенцира познавање на софтвер од определени производители што дискриминира кон лицата што имаат стекнато знаење за различни софтверски пакети.
  9. Покрај поттикнувањето на употребата на слободен софтвер во државните институции и образованието треба да се поттикнува употребата на слободен софтвер кај пошироката јавност, цивилното општество и граѓаните. Позитивната кампања од ваков вид ќе придонесе до поголема употреба на легален софтвер, намалување на прекршувањето на авторските правата на софтверските производи и загубите меѓу компаниите кои се занимаваат со продавање и изработка на софтвер.
  10. Зголемената употреба на слободен софтвер меѓу граѓаните ќе ја зголеми и заедницата која придонесува кон екосистемот на слободниот софтвер. Достапноста на слободниот софтвер на мајчиниот јазик на корисниците ќе придонесе во зголемена употреба на ИКТ кај оние групи на граѓани кои не го разбираат англискиот јазик, или другите странски јазици, а со тоа и намалување на дигиталниот јаз. Од овие причини потребно е поттикнување на преведувањето на слободниот софтвер и пронаоѓање и спроведување на одржливо решение за континуирано одржување на преводите кај оние апликации кои континуирано се развиваат и се дел од секојдневната употреба во државните органи, образовниот процес и се во секојдневна употреба во пошироката јавност. Ова може да реализира преку поддршка за систем и процедури за навремено изработување на преводи кој би бил колаборативен.
  11. Заради посеопфатно остварување на горните заложби Владата на Р. Македонија и другите државни инстуции треба да поддржуваат тренинг и образование на вработените во јавната администрација и нивно запознавање со практичните и теоретските аспекти на слободниот софтвер. Заради поефикасно остварување на истите, надлежните институции треба да спроведат истражување за целокупната состојба со употребата на слободен софтвер во јавната администрација во Р. Македонија. Употребата на Вики или сличен систем на кој институциите кои користат слободен софтвер ќе ги објавуват овие подаци самостојно е може да биде добар почеток во оваа насока. Употребата на јавен софтвер за оваа намена ќе значи дека во создавањето на оваа база на знаење ќе може да учествува и пошироката јавност, граѓаните, цивилното општество и компаниите.
  12. За контрола и мерење на резултатите што ќе произлезат од овие препораки надлежните институции треба да издаваат редовен билтен со информации што ќе служи за бележење на добрите практики, но и за поттикнување на позитивни промени онаму каде што овие препораки не се следат.

Анекс 1

Список на преведен софтвер на македонски и албански јазик од водечките оперативни системи и канцелариски пакети.
Слободен софтвер
Неслободен софтвер
Македонски јазик
Албански јазик
Македонски јазик
Албански јазик
Ubuntu GNU/Linux Оперативен систем верзија од 2010 година (делумно преведена)
Ubuntu GNU/Linux Оперативен систем верзија од 2010 година (делумно преведена)
Windows XP / 2003 и Windows 7
Windows XP / 2003 и Windows 7


Mozilla Firefox 4 верзија од 2010 година
Mozilla Firefox 3.x верзија од 2010 година
MS Office 2003 и MS Office 2007
MS Office 2003 и MS Office 2007
Mozilla Thunderbird 2 верзија од 2007 година
Нема



OpenOffice.org 3.x канцелариски пакет верзија од 2010 година
Нема






(Забелешка: списокот не е конечен.)