Форматот на јавните настани беше замислен да опфати воведна презентација за потребите од донесување на оваа политика. Во таа смисла, беше истакнато дека оваа политика се носи за да се истакне добрата пракса во користење на слободен софтвер и да се укаже на погрешните примери и како тие да се намалат. Имплементацијата на проектот „Компјутер за секој ученик“ беше посочена како добар пример врз кој што треба да се гради идната политика но и да се препознаат слабостите со цел имплементација на подобри проекти во иднина. Се посочија сите препораки на политиката и се објасни нивната смисла. Бидејќи настаните се одвиваа во академските градови, посебен акцент се додаде и на врската помеѓу слободниот софтвер и образованието како и пазарот на труд. Воедно се подвлече и значењето на отворените стандарди, неутралноста и непристрасноста во работењето на јавната власт по однос на технолошките барања и комуникација со граѓаните.
Јавниот настан во Тетово се одржа на 14.март во просториите на центарот за балканска соработка „Љоја“. На настанот беа присутни и медиумите а учество земаа повеќе граѓани пред се од академската заедница. Како главна тема на дискусијата по воведната презентација се наметна образованието и тоа во двата аспекта кои се третирани во политиката. Од аспект на „Компјутер за секој ученик“ се посочија тешкотиите на локалната имплементација. Меѓу другото беше наведен проблемот со локализацијата и преведувањето на албански јазик од каде се разви дискусијата за модалитетите со кои може да се обезбеди континуиран систем на одржлива локализација. Во таа смисла беше истакната потребата за посветување поголемо внимание на студентите и промоција на слободниот софтвер во тој контекст, бидејќи, како што беше истакнато, младите луѓе се помалку инертни на промена. Тоа овозможува да бидат отворени за прифаќање на нови технологии, но и пристап до технологијата во смисла на идејата за слободен софтвер.
Во Штип јавната дебата се одржа на 17.март во просториите на општинското собрание. На овој настан повторно имаше најмногу припадници на академската популација. Покрај гореспоменатите предизвици со кои се соочува воведувањето на слободниот софтвер како курикулум во образованието, се отвори дискусија по темата на непристрасност и транспарентност. Дел од учесниците искажаа сомнеж дека компаниите кои би изработувале софтвер за потребите на јавната власт би дозволиле увид во изворниот код или било какво право над него од страна на нарачателот. Тоа, во таа смисла, е еден од предизвиците на националната политика бидејќи треба да ги обедини заложбите за транспарентност, безбедност, отчетност и одржливост со состојбата на пазарот и политиките на компаниите. Слично на ова, се отвори и дискусија по повод препораката за непристрасност при барањата за вештини во процесот на огласување на работни места.
Оваа тема исто така беше дискутирана и на јавната средба во Скопје на Институтот за информатика при ПМФ. На таа средба претставничката од МИОА ги истакна заложбите на министерството во непристрасна квалификација на државните службеници со европската „дозвола за компјутерски возачи“. Според неа, овој начин на обука за компјутерска писменост не е зависна од определена платформа и дозволува избор. На оваа средба се опфатија и темите околу јавните набавки и непристрасната политика кон платформи како и учеството на слободниот софтвер во образованието. Беше истакнато дека е потребна работа кон неутралност во образовните програми по овие предмети со што нема да се преферира определена платформа и можноста за арбитрарност ќе се намали.
Јавниот настан во Битола се одржа на 22.март во просториите на Техничкиот факултет во Битола. Како и на претходните средби се дискутираше по различните точки од предлог политиката. Меѓутоа, тоа што најмногу ги интересираше учесниците беше спојот помеѓу слободниот софтвер во образованието и бизнисот. Во таа смисла се дискутираше околу вклучувањето на слободниот софтвер во образовниот процес (како заложба од политиката) и ефектот што тоа ќе го има врз поголемата подготвеност на студентите во смисла на знаење и вештини потребни за пазарот на трудот.
Заклучокот од овие јавни настани е дека покрај заложбите кои можат да се најдат во самиот текст на политиката, потребно е и продолжување на јавната дебата по овие прашања како начин за постојано подобрување на работата на јавната власт, како и информираност на заинтересираната јавност по актуелните теми.