Monday, June 7, 2010

Забелешки од првата работна средба за националната политка за слободен софтвер

Дискусијата во врска со предложените точки за Националната политика за слободен софтвер започна по воведните излагања на Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис кој се осврна на идејата и причините зошто е потребна ваква политика во Р. Македонија и Игор Стаматовски кој зборуваше за тоа што е слободен софтвер.

Предложено беше дискусијата да се движи во следниве рамки:

1. Осврт на слободниот и неслободниот софтвер, главни карактеристики, предности на слободниот софтвер.

2. Осврт на препораки и регулатива од Европската унија што се однесува на слободен софтвер.

3. Осврт на домашна регулатива: политики и стратегии (на пр. Националната политика и стратегија за информатичко општество), закони (на пр. Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер), други документи.

4. Осврт на софтвер и сервиси кои моментално ги нудат државните институции.

5. Дискусија за добри практики во смисла на:
  • долгорочно чување на јавните документи во електронски формат (на пр. долготрајност на архиви како што е таа на МРТ);
  • транспарентност и безбедност на податоците (на пр. импликации за е-избори)
  • јавни набавки: контрола над набавките (софтверот), одговорно трошење на буџетски средства, зависност од еден понудувач;
  • отворени формати и стандарди;
  • конкурентност - слободен пазар;
  • образование и ширење на знаење.


Фото: it.com.mk (flickr)

Дискусијата се одвиваше во кругови, така што секој учесник земаше збор по неколку пати, но заради прегледност овде одеднаш ќе ги сумираме поентите направени од учесниците.

1. Ванчо Орданоски од ИКТ Комора зборуваше за отворените стандарди во комуникацијата посебно помеѓу државните органи и граѓаните, како и форматите во кои се достапни јавните документи. Потоа за потребата од стимулирање на употребата на слободен софтвер и кај граѓаните, а не само кај државните институции. Во врска со софтверот што се употребува тој укажа на потребата од транспарентност, односно на потребата за можноста граѓаните да можат да испитаат дали софтверот навистина работи онака како што се наведува - на пример за одлучувањето при аукциите.
Тој истакна дека владата е промотор на слободниот софтвер, но укажа на проблемите со еднократното преведување на слободниот софтвер кое претставува краткорочно решение. Она што е потребно, според него, е поддржување на заедницата и пронаоѓање на одржлив модел за преведувањето на слободниот софтвер. Тој исто така укажа на слабото разбирање на различните лиценци и воопшто правната терминологија во врска со слободниот софтвер.

2. Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис појасни дека во македонскиот правен систем лиценци не постојат, туку терминот кој се користи е договор за неексклузивен пренос на авторски права. Понатаму тој зборуваше за потребата од отворен пристап до авторските дела кои се финансирани од средства од буџетот на Р. Македонија. Како пример ги наведе и научните дела како докторати кои што само декларативно се јавно достапни, додека практично јавноста не може да дојде до нив. Тој исто така истакна дека во барањето решенија не треба да се наметнува слободен софтвер доколку нема таков што би ги исполнил критериумите потребни за определената работа.

3. Климент Симончев од Генреп зборуваше за своите искуства во работата со слободен софтвер. Ја спомена концептуалната стратегија за користење на слободен софтвер во образованието чиј автор е тој. Од аспект на бизнисот тој истакна дека како компанија тие секогаш во договорите со нарачателите на софтверот обезбедуваат корисникот да има достапност до кодот иако тоа не го прават според некоја од лиценците што постојат за таа намена. Со ваквата нивна практика, смета тој, покрај снабдувањето со софтвер корисниците добиваат и трансфер на знаење. Истовремено тој зборуваше за идејата за „gated community“ каде достапноста до кодот е овозможена до поширока, но ограничена база на корисници. Исто така ја потенцираше разликата помеѓу готови решенија и „полупрозиводи“ кои треба да се доработат, истакнувајќи дека голем број на готови решенија се продаваат многу скапо со само минимални промени во нивниот изглед.

4. Игор Стаматовски од Слободен софтвер Македонија зборуваше за сеопфатноста на авторските права кога станува збор за слободниот софтвер. Истакна дека лиценците што постојат се во согласност со законите, односно се изградени над нив и тие служат како гаранција за екосистемот на слободниот софтвер. Тој наведе примери како владата на САД ги дала своите промени назад во јавно достапниот код на Drupal - системот кој и Македонската влада го користи за објавување на содржина на интернет. Според него политиката на која започнува работата треба да служи да се израмни полето на игра и сите компании да можат да учествуваат без разлика на кои бреднови припаѓаат.


Фото: it.com.mk (flickr)

5. Ана Марија Нешиќ од USAID - Проект за е-влада зборуваше за проблемите и предизвиците со кои се соочува проектот каде што работи, а кој за цел има создавње софтвер кој што ќе го користат државните институции. Нивната пракса била софтверот да го пишува локална ИТ компанија, меѓутоа кодот и правата над него ги добива USAID откако ќе биде готов - што ним им дава можност потоа тој код да го нудат на други иснтитуции или за друга намена (пример со CEMT дозволите и распределбата на студентски легла - два сервиса што користат ист софтвер), но им помогнува да избегнат ситуација во која државната институција би била заложник на компанијата изведувач. Во USAID барале правно решение како да го направат кодот подостапен на јавноста, но до сега не успеале да го направат тоа. Според Ана Марија Нешиќ голем проблем е и тоа што постои страв помеѓу корисниците. Некои од институциите не сакал ни серверот на кој работи софтверот да се наоѓа надвор од зградата на институцијата, па за јавно достапен код никако не можело да стане ни збор. Исто така таа зборуваше за тоа како и за која намена е направен софтверот т.е. дали тој и кога би бил јавен би можел да се употребува на други места.

6. Дарко Булдиоски од Центар за нови медиуми зборуваше за тоа кој всушност е корисник на софтверот што го користат државните институции - дали граѓаните како крајни корисници се единствените важни? Ова ја одведе дебатата во прашањето на поделба на софтверот како сервиси наспроти софтвер, но само за да го зајакне мислењето дека транспарентноста т.е. можноста да се провери дека софтверот го прави она што вели дека го прави треба да биде достапна за јавноста.

7. Димче Гроздановски од Викимедија - Македонија зборуваше за потребата од слободен софтвер, но искажа мислење и дека некој софтвер можеби ќе мора да остане и неслободен. Покрај транспарентноста тој смета дека слободниот софтвер помага и во учењето и во зголемувањето на знаењето. Но исто така зборуваше и за тоа дека има повеќе создавачи на слободен софтвер: поединци, компании, образовни институции итн. и сите тие имаат различни мотиви за пишување на овој софтвер. Тој посебно ја истакна потребата од поттикнување на развојот на слободен софтвер во рамките на образованието.

8. Проф. Маргита Кон Поповска, претставниците од Министерството за информатичко општество Марија Николоска и Ајет Ибраимоски и од ЗЕЛС Александар Арсовски зборуваа за потребата за обука на корисниците / вработените во работа со слободен софтвер. Се постави прашањето кој и за што да се обучува како и опасноста од заминување на тој кадар и со тоа губење на инвестицијата за институцијата каде што работел. Исто така, прашањето на одржливост беше поставено од аспект на тоа дали некој корнисник може да се ослони на тоа дека некој софтвер ќе се развива и во иднина за во него да вложи труд за да стекне заење.

9. Сашо Андријески од Инет ги спореди цените на чинење на обуката со цените на чинење на лиценците на неслободен софтвер и беше заклучено дека до овој момент не постојат сигурни податоци за тоа дека обуката е поскапа од лиценците. Самата обука од друга страна има екстерни ефекти кои се шират низ економијата и општеството - лицето што стекнало некое знаење ќе може да го употребува секаде.

10. Новица Наков кажа неколку примери за тоа дека софтверот или информатичките технологии се единствените области каде што се бара брендирано знаење. Во огласите за работа никогаш не се бара знаење за возење на автомобил од определена марка, но се бара знаење од определена марка на софтвер. Исто така зборуваше и за примерите во образовните институции во САД каде студентите учат да се снаоѓаат во програмирање или дополнување, наоѓање грешки исл. на веќе постоечки софтверски пакети, наместо пишување на софтвер од почеток - модел што одговара на слободниот софтвер.

11. Марија Николоска зборуваше и за искуството на МИО во координирањето на волонтерскиот потфат за толковен речник на ИТ термини во Македонија и за проблемите со кои тие сега се соочуваат. Ајет Ибраимоски зборуваше за предностите во однос на безбедноста при користењето на слободен софтвер што произлегува од можноста корисникот да го провери софтверот за разни безбедносни дупки пред да го користи.

12. Василка Димитровска археолог, од Викимедија - Македонија, зборуваше за практичните проблеми со кои се соочуваат археолозите како фела работејќи во важен сегмент од јавните активности во Македонија, за нивната генерална незапознаеност со технологија и употребата на разни нестандарни методи за евиденција на артефактите.

4 comments: